Што е пигмент?
Наједноставно кажано, пигменти се мали, цврсти и нерастворливи честици, чија основна улога е да им дадат тон на одредени премази. Тие впиваат или одбиваат (рефлектираат) светлина и на тој начин го бојат материјалот. Пигментите во боите за кречење можат да бидат бели, црни или во сите други бои. Освен тонирање, пигментите честопати даваат и заштита од UV зрачења и од други атмосферски влијанија и на тој начин даваат постојаност и го продолжуваат векот на траење на премазот. Пигменти, тонери или колоранти, називи под кои можете да ги најдете на нашиот пазар, се всушност ситно смелени честички, со чија помош се постигнуваат одредени нијанси на боја. Бојата можете да ја тонирате самостојно и рачно или со машина за фарбање со додавање на одредена количина пигмент.
Што е квалитетен пигмент во бојата за ѕидови?
Пигмент со врвен квалитет не смее да реагира на останатите компоненти во составот на премазот. Квалитетен тонер поседува и висока способност за боење и прекривање. Колку е поголема способноста за боење толку помалку пигмент ни е потребен во премазот, со што истиот станува поекономичен за употреба. Важна карактеристика на пигментот е и осетливоста на светлина што зависи од големината на честиците, хемискиот состав концентрацијата. Изборот на пигменти и нивното количество може да има значајно влијание врз основните својства на секое средство за прекривање, без разлика дали е во течна состојба, пред нанесување на подлогата (боја, сушење, вискозност) или по нанесување (боја, непроѕирност, сјај, трајност, отпорност на различни влијанија).
Поделба на пигментите
Постојат неколку илјади различни пигменти кои се разликуваат по суровината од која се добиваат, составот, начинот на производство и обработка, големината на честиците и секако, бојата. Најпознатата поделба на пигментите е според хемиската структура, на органски и неоргански пигменти. Органските пигменти се основаат на соединенија на јаглерод. Се одликуваат со помала големина на честици, што овозможува добивање на поинтензивни и почисти тонови како и со помала покривна моќност. Поради својот органски состав, по правило тие не се изразито отпорни на UV зрачење, како и на влијанието на алкалии, односно на базични средини како што е цемент, кој е чест материјал во градежништвото. Затоа, органските пигменти најчесто се користат за нијансирање на внатрешните бои. Неорганските пигменти најчесто се базираат на соединенија од метал. Имаат доста голема честица која им дава поголема покривна моќ. Поради големината на честицата на пигментот, како и поради хемискиот состав и процесот на производство, неорганските пигменти имаат висока отпорност на UV зрачење како и на влијанието на алкални т.е. базични средини. Поради тоа сите нијанси на тонските карти на MAXIMIX кои имаат ознака „F“ се изработуваат само со употреба на неоргански пигменти, што ги прави одличен избор за фасадни бои и малтери.
Првиот вештачки (синтетички) пигмент е Египетска сина. Се добива со повеќечасовно загревање на кварц, бакарни соединенија и калциум карбонат на температура од околу 1000oC.